Нуредини, во интервју за Радио Слободна Европа призна дека и покрај тоа што потрошиле 220 милиони денари не успеале да го намалат загадувањето на воздухот како што се предвидуваше во „Планот за чист воздух“ кој помпезно беше најавуван и промовиран од страна на власта, но не кажа дали конечно некој ќе сноси одговорност за ваквите несоодветни политики и пропаднати проекти бидејќи граѓаните се надеваат на нив и чекаат конкретни резултати кои за жал ги нема.

Тоа е нешто во кое инвестираме. За 2018 година имавме буџет од 120 милиони денари, буџетот за 2020-та, беше уште дополнителни 100 милиони денари. Одредени училишта и градинки ги реновиравме, ги направивме повеќе ефикасни, исто така и одредени јавни институции. Дали постигнавме 50 проценти намалување? За жал сѐ уште не постигнавме. Причината поради која не постигнавме е поради фактот дека треба да промениме многу во системот за загревање во нашата земја, рече Нуредини.

Причината која ја наведе за ваквиот неуспех е дека требало да се промени многу во системот за загревање во нашата земја, а од тука пак се враќаме на неуспешноста на „Планот за чист воздух“ бидејќи решевањето на овој проблем преку едукација и и финансиска поддршка на граѓаните беше приоритетна цел на истиот што за жал не е реализирана.

Како друг многу важен проблем во загадувањето министерот Нуредини ги спомна и возилата кои според него во периодот кога имаше полициски час се виде дека голем дел од загадувањето го причинуваат автомобилите.

Една од клучните работи која всушност ја дознавме, за жал, поради ситуацијата со ковид-19, кога имавме полициски часови, всушност дознавме дека дефинитивно сообраќајот и транспортот значително придонесуваат кон загадувањето. Тоа значително се намали за време на полициските часови, рече Нуредини заборавајќи дека и во оваа насока одамна требаше да се спроведат мерки и да се регулира увозот и користењето на половни автомобили и воведувањето на еколошките налепници за категоризирање на возилата, мерка која одамна требаше да се воведе но како што изгледа е уште една од низата пропаднати мерки на Владата, а од Министерството за економија кое требаше да ја спроведат не знаат ни до каде е процедурата за истата.

Нуредини призна и дека некои мониторинг станици не работат, а и сктивниот мониторинг беше исто така една од примарните цели кои ги предвидуваше „Планот за чист воздух“ од кој по се изгледа дека не е спроведена ниту една точка, но кажа и дека се прават напори за истите да проработат до крајот на годината.