Заврши средбата во Влада меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за Предлог-законот за јавното обвинителство со кој треба да се регулира и статусот на СЈО.

На средбата, меѓу другото, партиите постигнале договор да излезат со усогласени ставови и да не изнесуваат повеќе информации додека не се постигне конечен договор за прашањата за кои можат да се доближат.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за „Република“ изјави дека средбата била конструктивна и дека се договориле „околу финансирањето на обвинитеството и за поголема одговорност на обвинителите“.

Задоволни сме од средбата, затоа што беше продуктивна. Се постигнаа приближувања на ставовите по две точки од областа за обвинителство. Првата точка за која разговаравме беше зголемување на буџетот на целото јавно обвинителство, со тоа што утврдувањето на конечниот процент би ја утврдиле по дополнителни консултации со Министерството за финансии, вели Милошоски за „Република“.

Втората тема што била разговарана на средбата и партиите постигнале согласност е со зголемувањето на буџетот на обвинителството, да се зголеми и индивидуалната и колективна одговорност на обвинителите, односно обвинителствата.

Нова средба ќе има деновиве пред Илинден.