Со зголемувањето на бројот на заразени од вирусот се гледа дека оваа криза ќе потрае, а тандемот Ангеловска и Царовска немаат план како да се справат со оваа криза, за да нема отпуштања и затварање, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција

Вчерашниот ден беше црн ден за битолската економија, и покажува дека ќе има далекусежни последици доколку не се реагира брзо и навремено. Вчера беа отпуштени 6000 работници во компанијата Кромберг и Шуберт, за споредба сега ќе ви кажам што значи тоа за Битола, 6000 отпуштања во Битола, е исто како да отпушите 7000 луѓе во тетовскиот регион, или  6000 отпуштања во Битола е како да имате 34.000 отпуштања во Скопје. Затоа сметаме дека ситуацијата е алармантна. И затоа на Владата не треба да и се случат уште отпуштање на работници и затварање на фирми па тогаш да реагира. Туку навремено треба да реагира да не се случуваат отпуштање на работници и затварање на фирми, изјави Милошоски.

Според Милошоски автомобилската индустрија е во сериозна криза поради коронавурусот а тоа се одразува и кај странските инвестиции кој работат во Македонија, но се одразува и кај домашните компании кои соработуваат со нив

Ова значи дека на деситици илјади граѓани на Македонија им се заканува отпуштање од работа доколку нема навремен и сериозен план за справување со оваа економска криза. Која исто толку е опасна како кризата со коронавирусот. Тандемот Ангеловска и Царовска немаат план како да се справат со оваа криза да нема отпуштања и затварање. Доколку Владата нема капациетет би било подобро да ги викне двајцата најдобри економисти од стопанските комори , од факултетите, од опозицијата, за да не биде оваа пандемија која го зафаќа здравјето на граѓаните да биде колапс и за нашата економија, изјави Милошоски

Апелираме до СДСМ и до Зоран Заев и до неговите претставници во владата Нина Ангеловска и Мила Царовска сериозно да ги разгледаат и по можност да ги прифатат мерките кои ги нуди економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Тие мерки се добронамерни , произлегуваат од знаењето, капацитетот и искуството на голем дел од луѓето коишто се тим на економската комисија на ВМРО-ДПМНЕ и сметаме дека можат да бидат продуктивни, бидејќи истите се правено и во консултации со дел од членовите на стопанските комори.

Тоа се следните мерки:

Предлагаме  замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е засегната со корона вирусот. А доколку продолжи оваа мерка да важи и за месец април.

Предлагаме замрзнување на обврските на малите, средните и големите претпријатија кон државата, чија што работа во овие претпријатија е поврзана или е погодена со ситуацијата.

Предлагаме Владата да ги преземе обврските, да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, без разлика дали се големи, мали или средни компании, а доколку продолжи кризата да ги плати овие камати и за месец април.

Државата предлагаме да ги плати трошоците на вработените во малите, средните и големите претпријатија кои што се погодени од корона вирусот во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто платата.

Знаеме дека за овој план се потребни средства, но доколку не се реагира брзо и навремено, да знаете дека покасното реагирање ќе биде само уште поскапо и ќе има уште поштетни последици. Потребно е веднаш да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплатат субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период. Главната мерка којашто Владата треба да им ја пружи на малите, средните и големите претпријатија е истите да успеат да ја задржат дејноста, наместо да стават клуч на претпријатијата и да задржат што поголем број од вработените, наместо да ги отпуштаат.

Ако Владата успее да ги одржи во живот претпријатијата и вработените во нив, тогаш кога ќе ја пребродиме оваа здравствена криза, тие претпријатија и вработени ќе можат да и помогнат и на Владата и на државата да се вратиме во еден нормален колосек. Затоа би сакал да напоменам дека овие мерки ВМРО-ДПМНЕ ги предлага повеќе од половина месец наназад и дека мерките не треба да се гледаат како предлог на партија која што ја критикува власта туку како предлог на партија која што сака да и помогне на владата да имаме поефикасно справување и со здравствената состојба, но особено со економската криза која што веќе тропна во Битола и остави 6.000 семејства без основен приход. А тие 6.000 семејства имаат свои кредити, свои давачки, кирии и секакви други потреби.

Би сакал да потсетам дека владата би требало пред да се случи дополнително отпуштање на вработени прво да тропне на вратите на претпријатијата, а не да оди во овие фирми откако ќе се случи некаква штета.

Да потсетам Гентерм во Прилеп, Амфенол во Кочани, Антура, Маркарт во Велес, Ван Хол во Скопје, Леар во Тетово, Џонсон Контролс, Дрекслермаер, Костал, ОДВ електрик во Охрид, Ки сејфти системс во Кичево, сите овие компании вработуваат отприлика 12.000 луѓе. И домашните компании вработуваат уште многу илјадници вработени. Не треба да чекаме компаниите да крахираат за министерката за финансии да ги посети откако ќе биде касно. Затоа е вонредната состојба за да може владата ефикасно да реагира и да се покаже како партнер на стопанствениците и на вработените во државата.

Прашање: Дали вие сето ова сте го доставиле до владата и не ги разгледуваат, па затоа ги критикувате, оваа е техничка влада има и од вашата партија, или воопшто не сте ги доставиле предлог мерките? Одговор: Уште пред 15 дена јавно се соопштени мерките коишто ги предлагаме и сметам дека мерките се прилично разбирливи и едноставни за тие кои што имаат чувство за економска криза и за начинот како да му се помогне на стопанството би требало лесно да ги разберат и да ги спроведат.

Затоа цениме дека власта веќе касни со реакциите. Не треба да ни се случи уште еден Кромберг и Шуберт, отпуштања  на уште 6 или 10.000 вработени за министерката да појде и да ги посети, да поразговара и да им помогне на стопанствениците и на вработените пред да колабираат.