Јавното станбено претпријатие доби налог од Владата да издвои 94 милиони денари, или нешто над 1,5 милиони евра за докомплетирање на реконструкцијата на граничниот премин Табановце. Средствата ќе се обезбедат од продажбата на дуќаните во Градскиот трговски центар и како што ни изјави директорот на претпријатието, Владе Стојановски, тие ќе бидат искористени за партерно уредување на просторот околу граничниот премин, како и за изградба на мали објекти, како и на оние за шпедиции.
Проширувањето на Табановце е проект тежок пет милиони евра што Владата го изведува заедно со Светската банка. Во првата фаза е предвидена изградба на шест ленти за излез од земјава и осум за влез, а подоцна се предвидува изградба на царински терминал. Иако реконструкцијата на Табановце требаше да биде готова до 30 јуни годинава, поради проблеми со експропријација на дел од земјиштето (од македонска и од српска страна), а по барање на Владата, продолжена е до март 2006 година.
Преку овој премин лани поминале околу два милиони патници и околу шест илјади возила. Реконструкцијата и проширувањето на граничниот премин Табановце е дел од проектот за олеснување на трговијата и транспортот во југоисточна Европа, кој чини 14 милиони евра, и во кој, освен овој граничен премин, влегува изградба на нова царинска зграда и проширување на граничниот премин Деве Баир кон Бугарија и Ќафасан кон Албанија.


Светлана БЛАЖЕВСКА