Милер ја изеде топката
Сакраменто конечно заздраве и тоа може да се забележи во неговата игра. Во последните 10 средби забележа седум победи и се доближи до границата од 50 отсто успеси (22-24). Последна жртва беше Чикаго кој не успеа да даде поголем отпор. Милер царуваше под кошевите, на крајот заврши со 22 поени и 20 скокови. Звучи неверојатно, но ова за него е трет натпревар во низа, во кој има постигнато ист број на кошеви и иста минутажа на паркетот (39). Исто така, е интересно дека против Булси, втор пат во последните три средби, запиша повеќе од 20 кошеви и скокови.
– Бред игра одлично целата сезона, но последните три средби беа волшебни. Неколку пати се обидовме да му поставиме двојна стража, но тој едноставно се креваше и ги погодуваше кошевите. Тоа се одлики на големи играчи, вели клупскиот другар на Милер, Џош Селмон.
Покрај Милер, мрежата на Чикаго ја наполнија и Артест (28) и Мартин (26). Кај Чикаго единствена светла точка беше Гордон со 33 постигнати кошеви.
Поради проблеми со зглобот, Џејмс го прескокна мечот против Сиетл кој Кливленд го загуби, докажувајќи колку значи во тимот. Тоа се виде и во дуелот со ЛА Клиперс кога со 28 поени и 11 скокови беше прво име во победата на Кливленд над Клиперси.
– Знаев дека морам да излезам на паркетот и да ја прикажам најдобрата игра за да стигнеме до победа. Не се чувствував најдобро, но издржав, но најважно од се дека е дека повредата не се влоши, вели ЛеБрон Џејмс.
Покрај него, солиден беше и Илгаускас (23 кошеви, 13 скокови), а Клиперси ги предводеше Тортон, кој од клупата заби 23 поени.
Одличен напаѓачки натпревар одиграа Индијана и Орландо, чии играчи вкупно постигнаа 236 кошеви. Туркоглу ја игра својата најдобра сезона во кариерата, а ниту болеста не го спречи да уфрли 20 од своите 23 поени во второто полувреме.
Покрај него одличен беше и Хауард (24 кошеви, 12 скокови), им се приклучи и Луис (19), а кај Индијана совршено мирна рака имаше Гренгер (29) посебно од линијата за слободни фрлања (12-12).
“Успеав да се опуштам во второто полувреме. Секогаш имам самодоверба, но во вториот дел бев многу поагресивен и повеќе го напаѓав кошот. Тоа се исплати”
Хедо ТУРКОГЛУ
Резултати: Атланта – Њу Џерси 104:92, Индијана – Орландо 115:121, Кливленд – ЛА Клиперс 98:84, Мемфис – Јута 91:110, Милвоки – Хустон 83:91, Денвер – Шарлот 117:101, Сакраменто – Чикаго 105:101 и Сиетл – Њујорк 86:85.