Без победник заврши последниот натпревар од 26. коло во италијанската Серија А, дерби пресметката на “Сан Паоло” помеѓу екипите на Наполи и Милан.

Домаќинот прв дојде во водство со погодокот на Лоренцо Инсиње, но во финишот од првото полувреме на 1:1 израмни, Џакомо Бонавентура.

Предводникот на “росонерите”, Синиша Михајловиќ и понатаму е убеден дека неговиот тим може да освои третата позиција на табелата и да избори пласман во Лигата на шампиони.

Натпреварот беше исклучително тежок, а на стадионот на Наполи е речиси невозможно да се победи. Не смее да се заборави дека нашиот противник сезонава има десет победи и само два нерешени резултат на домашен терен и самото тоа покажува колку е доминантен пред своите навивачи. Имавме тежок период, игравме против Фиорентина и Наполи, но не загубивме и сметам дека сега доаѓа полесниот дел од сезоната. Поради тоа сум оптимист дека можеме да дојдеме до третото место на табелата во Серија А, изјави српскиот стручњак.