Репрезентативниот напаѓач, Горан Пандев го одигра само првото полувреме на големото дерби помеѓу Милан и Лацио. Нашиот интернационалец во првото полувреме имаше неколку шанси, а за одбележување е шансата од 10 минута кога неговиот удар од околу 8 метри успешно го одбрани голманот на Милан, Дида. На полувремето Пандев беше заменет со Макинва, кој го постигна едиствениот гол за Лацио во 73 минута.
Капитенот на нашата фудбалска репрезентација, Гоце Седловски ги одигра сите 90 минути за својот клуб Матерзбург, кој на гостински терен забележа пораз 2:1 од екипата на Вакен Тирол. За разлика од Седловски, вториот наш интернационалец во Матерзбург, Илчо Наумовски ги одигра последните 25 минути од мечот. Матерзбург моментално е трет на табела со освоени 13 бода.
Од нашите претставници кои настапуваат во Германија, првото коло од националниот Куп, успешно го минаа Александар Васовски и Александар Митревски. Васовски ги одигра сите 90 минути, а неговиот тим Ајнтрахт Франкфурт со 2:0 беше подобар од Зиген. Како и Васовски така и Митревски ги одигра сите 90 минути во победата на неговиот тим Келн над Јрна со 2:1. Елиминација во германскиот куп доживеаја репрезентативците Николче Новески и Игор Митревски. Тимот на Новески, Мајнц е елиминиран од третолигашот Сабрикен со 1:0, а тимот на Митревски е поразен исто така со 1:0 од второлигашот Есен. Својот првенец во дресот на Локерен го постигна репрезентативниот напаѓач Горан Мазнов. Поранешниот фудбалер на Работнички К., беше стрелец на првиот гол за својата екипа во победата од 2:0 над екипата на Беверен. Локерен заедно со Генк и Андерлехт се единствените екипи кои во Белгија ја немаат почувствувано горчината на поразот.
Деби со победа во првенството на Бугарија имаше нашиот трофеен тренер Ѓоко Хаџиевски. Тимот на Хаџиевски славеше минимална победа од 1:0 против Родопа. Првотимецот на Металург Запарожје, Дарко Тасевски настапи до 65 минута на гостувањето во Зара. Неговиот тим се врати дома со нерешен резултат 0:0. Металург моментно е 14-ти на табелата со освоени два бода.
Тимот на Јане Николовски, Славен Белупо беше поразен пред домашната публика од сплитски Хајдук. Марио Царевиќ од пенал ја погоди мрежата на нашиот репрезентативен голман.
(М.С)