Кошаркарите на МЗТ Скопје – Аеродром по фантастичната победа во минатото коло на гостувањето кај Цедевита од Загреб, денеска (20.30 часот) во салата “Борис Трајковски” во рамките на 21. коло го пречекуваат лидерот во Регионалната АБА Лига, тимот на Игокеа.

Избраниците на тренерот Алеш Пипан, ќе имаат тешка задача да и го земат скалпот и на Игокеа, која на првиот натпревар на домашен терен ги торпедираше “металците” (79:55). Освен тоа, македонскиот шампион се уште има проблеми со повредени играчи, центарот Урош Николиќ, а поради повреда на натпреварот со Цедевита не настапи ниту плејмејкерот Никола Оташевиќ. Повредите се најголема причина што Пипан веќе еден месец тренира со седуммина кошаркари, кои го понесоа товарот на последните две средби, најпрво на домашен терен, кога загубија од Унион Олимпија, а минатата недела непријатно ја изненадија и Цедевита.

-Извесно време тренираме со мал фонд на играчи и тие треба да го понесат товарот и во овој натпревар. На гости ни доаѓа силен тим, но ние треба да бидеме трпеливи и да ја одиграме нашата игра. Многу пати до сега кажав дека не треба премногу да се слави по победа, ниту да се тагува кога ќе се претрпи пораз. Треба да гледаме само напред, а во овој момент тоа е Игокеа, вели Пипан.

Македонскиот шампион во досегашниот дел од АБА лигата има скор од 11 победи и 10 порази и е на делба на седмата позиција на табелата со тимот на Унион Олимпија.