Една од најпознатите градби на светот, римскиот Колосеум, би можела да се урне доколку во близина се изгради постојка за метро, велат од Здружението за заштита на културното наследство “Наша Италија”. Оваа градба од прв век во која се одржувале борби на гладијатори годишно ја посетуваат над пет милиони туристи.

Од Здружението потенцираат дека темелите на Колосеумот ќе бидат сериозно загрозени доколку на само неколку десетина метри оддалеченост се врши ископување. Тие потенцираат дека ќе бараат судска забрана за вршење на градежни работи.
Сепак, во моментот се уште не се знае што ќе се случи со изградбата на постојката поради силното лоби на градежните компании кои сакаат да градат линија на метро кое би поминувало во непосредна близина.