– По долги преговори, постигнавме договор со сопствениците на два објекта што сега лежат на трасата на оваа улица, а треба да се урнат за да се дооформи сообраќајницата. Тие се обесштетени и за објектите и за земјиштето. По уривањето на двата посочени објекти, коловозот на улицата ќе се прошири во должина од 50 метри, колку што сега е долго стеснувањето. Со проширувањето, улицата “Борис Сарафов” ќе добие четири сообраќајни ленти, нови тротоари покриени со асфалт и ќе го дооформи својот лик, истакна скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, присуствуваа на почетокот на градежните активности.

Со проширувањето на улицата се очекува да се зголеми безбедноста во сообраќајот, проточноста на возила и да се растовари сообраќајот што сега се одвива по улицата “Ѓорче Петров”.

– Денеска реализираме уште едно ветување дадено пред граѓаните, за решавање на овој децениски проблем со одвивањето на сообраќајот на улицата “Борис Сарафов”. За овој градежен зафат, ќе се одвојат околу 2,5 милиони денари, а за експропријација на двата објекта Градот Скопје и општината Ѓорче Петров имаат вложено околу 3,4 милиони денари, истакна градоначалникот Трајановски.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, овој сообраќаен проект е заокружување на добрите сообраќајни решенија и врски со кружниот тек кај црквата “Свети Петар и Павле” и кружниот тек на улицата Ѓорче Петров.

– По 30 години улицата “Борис Сарафов” конечно ќе го добие својот конечен изглед, а просторот ќе се уреди. Овој сообраќаен проект е заокружување на добрите сообраќајни решенија и врски со кружниот тек кај црквата “Свети Петар и Павле” и кружниот тек на улицата Ѓорче Петров – нагласи градоначалникот Митровски.

Проектот го реализираат градежни екипи на Град Скопје и на јавното претпријатие “Улици и патишта”.