Во “Кале” вистински празник на ракометот. Во исцрпувачка и машка борба, во која Металург имаше контрола над резултатот и играта во текот на целиот натпревар, го совлада големиот ривал Вардар со 25:24 (12:10), со што го освои победничкиот пехар од македонскиот куп, што го прими од рацете на премиерот Владо Бучковски, капитенот Филип Миркуловски. Мотивот кај двете екипи беше голем, кај вардарци да се освои шестиот пехар во Купот, а кај ” металурзите” да се направи сефте. Во таков стил, со голема мотивираност кај актерите, се одигра и овој ретко квалитетен натпревар, кој имаше и драматична завршница.
На почетокот на средбата Вардар најави дека е решен да му се реваншира на Металург за двата пораза во првенството, но и да го освои шестиот пехар во Купот, откако поведе со 3:1. Меѓутоа, по серијата од 3:0, Металург преку разиграните Ангеловски, Макаловски, Зубиќ и Ќоровиќ поведе со 4:3 и од тој момент, па се до крајот на средбата имаше контрола и на резултатот и на играта. Се чини дека мотивот кај “металурзите” беше многу поголем, зашто тие, едноставно, “гинеа” на паркетот, одлично парираа во одбраната, а во нападот погодуваа ефектно. Кај Вардар затаи бековската линија, пред се српскиот интернационалец Александар Стојановиќ, кој не постигна ниту еден гол, што е реткост за него. Згора на тоа, на голот на Металург беше извонредниот Кирил Колев, кој правеше чуда. Едноставно беше несовладлив за противникот и неговиот удел во конечниот успех на Металург е голем. “Металурзите” во второто полувреме постојано имаа предност од 2-4 голови (11:14, 11:15, 18:21, 21:24 и 22:25), но во последните неколку минути средбата доби драматична завршница. По неколкуте промашени зицери на Металург, вардарци се најдоа во ситуација да се изборат за продолжение. Иако во 56, 57 минута, Ракчевиќ доби црвен картон, вардарци продолжија со иницијативата, иако играчки беа помалубројни на паркетот. Дојдоа само до негатива од два гола – 23:25. Тогаш се случија многу работи пред двата гола, кои можеа да направат и пресврт во резултатот. Коваленко биеше над голот, на минута и 10 секунди пред истекот на времето, Алушевски ја погоди пречката, потоа на 40 секунди, Коваленко повторно во “облаци”, а на десетина секунди пред последниот свиреж Добрковиќ беше соборен и Мојсоски од пенал намали на 24:25. Но, тука беше и крајот на надежите за Вардар, зашто немаше време за пресврт, а во последните секунди од контра, Зубиќ не успеа да го совлада одличниот Петковски. На крајот, специјалното жири за најдобар играч на финалето го прогласи Бранче Ангеловски од Металург, неговиот клупски другар Кирил Колев е најдобар голман, а вардарецот Младен Ракчевиќ е најдобар стрелец.


фото: В.ПЕРКОВСКИ Вилизар ПАВЛОВ