БРАГА.- Спортска сала. Гледачи: 2.000. Судии: Коен и Перец од Израел. Седмерци: Брага 5 (1), Металург 2 (1). Исклучувања: Брага 10, Металург 18 мин. Црвен картон: Ѓоргоновски во 42 и Ангеловски во 53 минута.
Брага: Силва, Фереира, Виера 1, Зеленовиќ 5, Лоренцо 1, Андраде 4, Пеишото, Матош 5, Кошта 3, Богаш 4, Роча 1, Е.Силва 1, Магаљаеш 3, Ж.Фереира.
Металург: Дамјановиќ, Колев, Живковиќ 1, Ќоровиќ 6, Наумовски 1, Георгиевски, Ангеловски 3, Миркуловски 4, Ѓоргоноски, Стоилов, Маљцев 5, Чантурија, Ѓорѓевиќ 9, Макаловски 2.

Македонскиот првак Металург со песна се враќа од Брага, од реваншот, од квалификациите за влез во една од групите во Лигата на шампионите. Металурзите со машка, борбена, и пред се квалитетна игра по вторпат го совладаа португалскиот шампион, по скопските 30:28, овојпат уште поубедливо 32:27 (14:13). Импонираше борбеноста и големото срце на Металурзите, кои уште од самиот почеток поведоа, диктираа темпо, имаа добра реализација, одбраната беше на високо ниво, а новиот стручен штаб на чело со младиот Андон Бошковски и легендата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков се покажаа како извонредни стратези. Португалците беа немоќни да се спротивстават на ваквата наша брза, агресивна и борбена игра и сето тоа вроди плод.
Поведовме уште од почетокот со 1:0, 3:5 и така се играше се до 18 минута, кога домаќинот успеа да направи пресврт, да дојде до 8:7 и 9:8, но потоа повторно се вративме во игра и преку ефикасните Ѓорѓевиќ и Ќоривиќ кои стрелаа прецизно и до крајот на првите 30 минути Металург повторно имаше предност од гол-два. Второто полувреме мина во атрактивна игра на нашиот првак, кој играше не само против реномираниот противник Брага, туку и против пристрасните судии Коен и Перец од Израел, кои се обидуваа на секој начин да му помогнат на домаќинот. Меѓутоа, откако Португалците израмнија на 15:15 (34 мин.) до крајот на средбата Металург постојано ја имаше иницијативата и резултатска предност. Во 56 минута веќе беше 24:28 (Миркуловски) и тука се наѕираше победата на Металург. До крајот беше само техника да се одржи предноста, доминацијата на Металург беше очигледна, домаќинот грогиран и на крајот убедливи 32:27 и влез на нашиот шампион во Лигата на шампионите и најголем успех во клупската историја.
Сега, по двете победи над Брага, Металург ќе игра во “Дè групата во ЛШ. Познат е и распоредот на натпреварите. На 30 септември или 1 октомври Металург му гостува во Москва на Чеховски Медведи, потоа на 7-8 октомври дома игра со Фленсбург, на 14-15 октомври во “Калеè се среќава со Загреб, на 22-23 октомври на гости игра со Фленсбург, на 4-5 ноември дома се среќава со Чеховски Медведи и на 11-12 ноември му гостува на Загреб.