“Испитуваниот примерок на препаратот месалазин филм -обложени таблети 500 мг, серија 24890, во однос на испитуваните параметри од спецификацијата за квалитет на готов производ од производителот и прописот даден во УСП 26, НЕ ОДГОВАРА на параметарот растворливост на месалазин”. Ова е заклучокот од сертификатот за кавалитет издаден од Фармацевтскиот факултет, каде што во Центарот за испитување и контрола на лекови на вонредна анализа беше даден лекот на “Реплек” (фарм) по пријавите за несакани дејства од Клиниката за гастроентерохепатологија. Со идентичен заклучок – “НЕ ОДГОВАРА” е и сертификатот за контролата на месалзаинот од 250 мг од истиот производител од серијата 4298. Според наводите во Сертификатот што е изготвен на 22.12.2005 година, мострите месалазин за испитување се доставени од Министерството за здравство, Биро за лекови со писмо од 21.11.2005 година. Под овој официјален наод до кој дојдовме се потпишани тројца членови на стручната комисија на Фармацевтскиот факултет, од кои двајца се професори на факултетот (проф. д-р Димитрова, проф. д-р Трајковиќ-Јолевска и фарм. специј. Угринова).
Без да прецизираат дали испитувањата што траат повеќе од две недели се готови, Фармацевтскиот факултет, како врвна наставна, но и научна институција во земјава, за секоја информација упатува во Министерството за здравство. Таму, пак ни потврдија дека ги добиле резултатите од испитувањата. Детали или други информации не соопштуваат, освен дека наодите се преупатени до тројцата членови на специјално формирана комисија за случајот “месалазин”. “Досега немаме ништо официјално добиено”, ни изјави вчера доц. д-р Никола Лабачевски кој е член на ова тело. Покрај на Фармацевтскиот факултет, вонредни анализи на месалазинот на “Реплек”(фарм) се правеа и во лабораторијата на Републичкиот завод за здравствена заштита. Резултатите не се обледнети, а неофицијално тие наводно биле во ред. По пријавите од лекарите (неофицијално има над 36), Центарот за несакани дејства дава препорака, а Бирото лекови наложи повлекување на “месалазинот” на “Реплек”(фарм). Фондот привремено го раскина договорот за овој препарат и склучи договор со кој во аптеките беше пуштена замена (од друг производител) за повлечениот лек. Пациентите најавија тужби против производителот на “месалазинот”, а Министерството за здравство испрати мостри за Лондон, што привременски се совпадна со патот на министерот Владо Димов на истата дестинација.


Ристе НЕДАНОВСКИ