“Месалазинот” на “Реплек” е проблематичен?!
Првичните наоди од вонредните лабораториски анализи на лекот “месалазин”, што го произведува скопски “Реплек” (фарм), се проблематични, дознава “Вечер” од компетентни здравствени извори. Ова го покажале испитувањата во лабораторијата на Републичкиот завод за здравствена заштита. Наодите им се достапни на здравствените власти, но тие не ги објавуваат, веројатно чекајќи ги резултатите од паралелните испитувања на Фармацевтскиот факултет. Целиот случај во јавноста се отвори во почетокот на неделава, по петочните пријави за несакани дејства во Националниот центар и тоа од лекари од Клиниката за гастроентерохепатологија. Според сознанијата до кои дојдовме, најверојатно проблематична е растворливоста, односно ресорпцијата на лекот во организмот на пациентот. Проблемот со “месалазинот” стручно ќе го обработува и тричлено експертско тело во кое дознаваме, покрај енетерохепатолог има патолог и фармаколог. И тие, според нашите извори, ги чекаат официјалните наоди за да се вклучат во расчистувањето на дилемите дали овој препарат на “Реплек” (фарм) има или нема терапевтско дејство. Пациентите веќе со име и презиме почнаа да излегуваат во јавноста, а некои од нив најавија и тужби против производителот. Во Центарот за несакани дејства и вчера пристигнуваа нови пријави за “месалазинот”. Фондот за здравствено осигурување вчера побара официјална инфромација од Бирото за лекови за она што се случува со “месалазинот”, со оглед дека досега нема никаво писмено укажување за настаниот проблем. По повлекувањето на лекот од аптеките (по наредба на Бирото за лекови), тој ги анализира и фактурите за овој препарат во изминативе неколку месеци. Најверојатно, веќе од понеделник “меселазинот” на “Реплек” (фарм) привремено ќе биде симнат од фондовската листа и ќе биде заменет со таков препарат од друг производител. На пазарот има две дози (од 250 и 500 мг) на овој лек од реплековата палета кој се користи во терапијата на улцерозен колитис и кронова болест. До последниот меѓународен тендер за лекови, на кој со “месалазин” влезе и „Реплек” (фарм) на товар на Фондот, на пациентите им следуваше ист таков препарат од реномиран светски производител.
Ристе НЕДАНОВСКИ