Епидемиологот Уте Рекрот верува дека бројот на новозаболени во Германија би пораснал многу побрзо доколку во почетокот на ноември не беа воведени нови мерки за затворање.

„Можеше да биде многу полошо. Ова е голем успех за кој треба да се заблагодариме на дисциплината на граѓаните“, рече Рекрот.

Шефот на Централниот државен епидемиолошки институт „Роберт Кох“ денеска изрази оптимизам во врска со забавувањето на зголемувањето на бројот на нови случаи на коронавирус во Германија, но посочи дека е можно да дојде до пресврт на ситуацијата.

„Можеме да зборуваме за претпазлив оптимизам. Кривата на раст на нови инфекции опаѓа, но едноставно не знаеме дали тоа е стабилен тренд или не“, рече Лотар Вилер.

Тој смета дека бројот на новозаболени и смртни случаи ќе продолжи да расте.

„Исто така, мора да сметаме дека болниците полека ги исполнуваат капацитетите“, рече Вилер, додавајќи дека ова не е поврзано со техничката инфраструктура, туку со недостаток на медицински персонал, делумно затоа што голем број здравствени работници се заразени со коронавирус.

Вилер ја поздрави веста за успешно тестирање на вакцината против коронавирус, но предупреди дека ќе биде неопходно да се продолжи со придржувањето кон мерките против ширење на пандемијата во текот на целата зима.

извор: Makfax