“Меркатор” само гостин на Саем
Словенечки “Меркатор” може да повели да вложи во Скопски саем, во изградба на трговскиот центар, но земјата останува наша и ние сме газди на Саемот. Ова вчера ни го изјавија првите луѓе на “топ” менаџментот на македонската фирма ЕРА Велење, инаку доминантен сопственик на Скопски саем. Ние располагаме со 150.000 квадратни метри плац на кој предвидуваме изграда на седум објекти во состав на т.н. “ЕРА сити”, проект вреден над 80 милиони евра. Трговскиот ценар за кој, со уште останати пет-шест компании претендира да се “бори” Меркатор, е само дел од големата инвестиција.
Станува збор за инвестиција на 20 илјади квадрати, за која словенечки “Меркатор” вчера со соопштение најави можност за инвестирање на 35 милиони евра. Инаку “Меркатор” вчера се пофали дека му е одобрена нова емисија на акции која ќе му ја зголеми главнината на капиталот за 20 насто, односно слободни пари за инвестиции во регионот. Од тоа, според “Меркатор”, 200 милиони се наменети само за Македонија, а 35 во имотот на Скопски саем, со кој Управниот одбор склучил преддоговор за заеднички проект. “Меркатор”, исто така, останува во комбинацијата за изградба на трговски центар спроти НБРМ и за таа цел ќе се јави на повторената лицитација која ја очекува од македонската Влада.
Во најскоро време, вели претседателката на Управниот одбор на Скопски саем, Лилјана Кимова, мислиме да вложиме неколку милиони евра во инфраструктурата на Саемот, односно во водоводот, нова трафостаница и нови пристапни патишта, со цел да ги задоволиме потребите на инвеститорите кои најавуваат вложување на нашето земјиште, меѓу кои е и “Меркатор”. Ние, доколку ги избереме за најдобар понудувач, ќе им дадеме дел од земјиштето, а тие нам ќе ни плаќаат струја, кирија, вода, односно сите сервисни услуги. Во секој случај, кој и да биде инвеститорот во трговскиот центар, ние мораме да му обезбедиме соодветна инфраструктурна поддршка и на тоа ќе работиме во најскоро време.
Виолета ЦВЕТКОВСКА