Вредноста на последното сочувано мени од најголемиот прекуокеански патнички брод што потонал пред повеќе од 100 години, Титаник, се проценува меѓу 50.000 и 60.000 американски долари.

Примерокот од тоа мени го има сочувано еден од преживеаните патници, и тој наскоро ќе биде понуден на аукција во Њујорк.

Аукцијата е дел од 30-годишнината од денот кога остатоците од потонатиот брод Титаник се најдени на дното на Атлантскиот Океан.

Примерокот од менито ќе биде понуден на аукцијата заедно со интересната приказна за Абрахам Линколн Саломон кој бил еден од патниците сместени во првата класа на палубата.

Тој бил еден од првите кои се качиле на чамецот за спасување откако подмитил неколку членови на екипажот за да го спасат пред другите, во моментот кога бродот почнал да тоне.

На задната страна од листата на јадења потпишан е и Џералд Исак Фраунтхал, исто така, патник во прва класа, кој успеал да се спаси. Се верува дека двајцата пријатели имале заеднички ручек на палубата на тој судбоносен ден, 15 април 1912 година.

Титаник бил најлуксузен брод за крстосување кој на својот пат од Англија до Њујорк имал приближно 2,224 патници. Иако оригиналните списоци на патници исчезнале на дното на Атлантикот, се проценува дека во оваа трагедија загинале 1.517 луѓе, а 710 биле спасени.