На состанокот на УО на “Пивара- Скопје”, одржан минатиот викенд е договорена, како што се вели во соопштението на најголемиот производител на пива и сокови кај нас, промена во управувањето со компанијата. Скопска “Пивара” преоѓа од двостепен во едностепен систем на управување, за што едногласно се договорија членовите на Одборот, претставници на мнозинскиот сопственик “Хајнекен” и “Кока кола” и досегашниот менаџерски тим на “Пивара”. Поради вакви промени во структурата на управувањето, менаџерскиот тим на компанијата, предводен од генералниот директор Светозар Јаневски, одлучи да се повлече од секојневните оперативни активности. Како што се објаснува, причината за повлекувањето е фактот што сегашниот менаџерски тим во изминатите децении веќе ги остварил поголемиот дел од своите соништа и визии, создал компанија за пример, како во земјата, така и пошироко, со успешен развој и резултати од работењето. Остваран е и делот на плановите за развој на нови, млади менаџерски сили, кои во иднина ќе продолжат со раководењето и развој на “Пивара – Скопје”. Досегашниот менаџерски тим, се вели во соопштението, не ја прекинува поврзаноста со компанијата и ќе учествува со свои претставници во идниот Борд на директори, а за оваа одлука ќе се расправа и на седницата на Собранието на акционери и на Бордот што ќе се одржи на 10 ноември годинава.