Давањето подароци беше дел од традиционалната размена на подароци помеѓу шефовите на државите за време на посетата. Првата дама на САД Меланија Трамп забележала дека кралицата Елизабета (93) секогаш носи брош како омилен моден додаток, па одлучила да ја изненади со таков подарок.

Брошот на Елза Перети, кој Меланија ѝ го подари на кралицата, може да се најде на интернет-страницата на Tiffany & Co. и се продава за 880 долари. Од канцеларијата на првата дама кажаа дека брошот доаѓа во соодветно пакување со мотиви на Белата куќа, сместен во црвена кожена кутија.

Во меѓувреме, принцот Филип (97) доби персонализирана пилотска јакна, што му е од особена важност бидејќи своевремено бил пилот.

За возврат, кралицата на американскиот претседател му го подари првото издание на „Втората светска војна“ од Винстон Черчил од 1959 година и триделен сет на пенкала „дуофолд“. А Меланија доби сребрена кутија со рачно изработени детали од Бакингамската палата.

извор: Makfax