Меколи Калкин денеска полни 39 години. Јавноста ширум светот го обожуваше поради улогата во филмовите „Сам дома“, а потоа одеднаш исчезна од јавноста и целосно ја запостави својата актерска кариера.

Малкумина се запознаени со фактот дека некогашното момче со светла иднина станало зависник од недозволени супстанци и пијалоци, а дека низ животот поминало низ агонија, депресија и анксиозност.

Имено, Калкин во детството бил малтретиран од таткото кој безобразно ги трошел неговите пари. Кога не сакал да глуми, неговиот татко, Кит Калкин, го присилувал на тоа, поради што несреќното момче на крајот почнало да консумира опијати и денес не личи на себе.

Калкин пораснал во големо семејство со уште пет деца. Неговата најстара сестра пред 17 години починала од предозираност, а другата ја прегазил автомобил. Останатите 4-ца потоа зачекориле во светот на шоубизнисот, но Меколи бил убедливо најуспешен.

Светска слава му донеле филмовите „Сам дома“, „Ричи Рич“, а играл и во спотот на Мајкл Џексон, на песната „Black and White“. Кога наполнил 10 години станал милионер. Се пишувало своевремено дека неговото семејство е функционално и успешно, но тоа било далеку од вистината.

Татко му го малтретирал, премногу го контролирал и ги трошел сите негови пари. Кога рекол дека не сака да глуми, тој го присилувал да продолжи да го прави тоа. На 14 години Меколи сепак успеал да му се спротистави на татка си и објавил дека ќе се повлече од глумата, а во семејството тогаш започнале расправии, поради што таткото ги напуштил.

„Тој сакаше да контролира, играше игри за секогаш да ме смести на своето место“, рекол Калкин, кој тврди дека татко му не го тепал, но психички го прогонувал. Тогаш започнала борбата за старателство на, тогаш сè уште малолетниот Калкин.

Неговото богатство е проценето на 11 милиони, а татко му и мајка му постојано се бореле за тоа кој ќе ги наследи парите и ќе води сметка за детето. Поради големи судски трошоци, семејството во еден момент било на раб на егзистенција.

На крајот, Калкин успеал да го сочува своето богатство, но тогаш прекинал секаков контакт и со таткото и со мајката.

Денес шокира со својот непрепознатлив изглед, но тврди дека се извлекол од канџите на пороците и дека живее од ден за ден, како безделник.

„Работам сè и сешто, но безделник сум. Можам да кажам дека веќе сум во пензија, но можам себеси да си дозволам удобен живот од ден за ден“, рекол Меколи Калкин.

Култниот филм „Сам дома“ ќе добие свое продолжение, со оглед на тоа дека продукциската куќа „Дизни“ одлучила да направи најнов римејк, кој ќе ги доближи авантурите на малото момче до новите генерации.