Примената на медијацијата во решавањето на споровите е важна компонента и придобивка за бизнисмените, затоа што се заштедува време и се намалуваат трошоците кои би се платиле во судски спор, беше истакнато на вчерашниот семинар “Финансиска корист од медијацијата” организиран од Бизнис конфедерацијата на Македонија и Комората на медијатори во соработка со Меѓународната финансиска корпорација.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков смета дека е важно компаниите да се информираат за можностите што ги нуди медијацијата и споровите да ги решаваат преку вонсудските спогодби.
-За нас работодавачите важно е медијацијата да биде поприсутна меѓу работните, трудовите и должничко-доверителските спорови бидејќи се намалуваат трошоците во постапката од една страна и се добива на време, затоа што некои судски спорови поради играње на можностите и процедурите повеќе се оддолжуваат – рече Бошков.

И Бизнис конфедерацијата и Комората на медијатори укажуваат дека главно оние што се потенцијални виновници во спорот не сакаат тој да се реши преку медијација, затоа што судскиот спор може да го оддоговлекуваат.

Во Македонија медијацијата е доброволна, но со најновата измена во Законот за парнична постапка судиите и адвокатите треба да ги потсетат страните дека може да се реши спорот со медијација.
-Тоа е една многу важна измена која судиите ќе мора да ја напоменуваат, а и адвокатите кои ќе бидат вклучени во процесите ќе треба да укажат на можноста од медијација – оцени Бошков.