Пред почетокот на денешниот тренинг идниот претседател Небојша Стојковиќ и Спортскиот директор Јане Николоски на фудбалерите на Победа им го преставија новиот член на Стручниот штаб – Тони Мегленски. Мегленски по една година се враќа во клубот каде помина најголем дел од својата кариера, а му остана верен и во најтешките моменти и се натпреваруваше во Третата лига. Како капитен ја предводеше Победа на патот кон враќањето во Првата лига подигнувајќи ги пехарите за освоеното 1-во место и во Третата и во Втората лига.

Мегленски со Победа беше шампион на Македонија 2003-2004 и 2006-2007 и победник во Купот на Македонија во сезоната 2001-2002. За Победа одиграл над 250 првенствени натпревари а постигнал 23 голови. Има и 3 настапи за сениорската А репрезентација на Македонија во кфалификациски и 8 во пријателски натпревари.

Мегленски поседува А тренерска лиценца стекната со практично и теоретско полагање пред стручните лица на Центарот за едукација при ФФМ. Со своето богато искуство и авторитет несомнено ќе го подигне нивото на квалитетната стручна работа со екипата.

По прифаќењето на понудата од клупското раковдство,  Мегленски истакна: „Со задоволство ја прифатив понудата која не можев да ја одбијам да помогнам на Победа. И во минатото секогаш сум бил со клубот и сум помагал во неговите најтешки денови. Ќе бидам на располагање со сето мое знаење и искуство да помогнам, иако постои можност за интернационален тренерски ангажман“.

извор: Makfax