Кривична пријава најави Министерството за внатрешни работи по документирање на случајот со објавата на Фејсбук од извесна Фросина Тина Мартиновска која деновиве е споделена на оваа социјална мрежа.

-Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со надлежното обвинителство континуирано презема мерки и активности за санкционирање на ширењето на говорот на омраза на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук, а таков е случајот и со објавата од извесна Фросина Тина Мартиновска која деновиве е споделена на оваа социјална мрежа и по документирањето на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, се наведува во соопштението на Министерството.

Од извршените проверки во персоналната евиденција на МВР констатирано е дека лице Фросина Мартиновска не работи во Министерството, како што беше пренесено во дел од медиумите.

-Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани ваквите случаи да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата [email protected], се вели во соопштението на МВР.