Ако Крсте ја сретнеше Милјана во неговата родна Струга, веројатно, би ја прашал нешто во стилот.”Од кј си мор моме? Как се викаш? Дал ќе ме сакаш засекогаш?”. Како и да е, Милјана, ќерката на славната пејачка Зорица Брунцлик, судбински било да ни стане македонска снаа. Нивен стројник бил компјутерот, поточно мирцот. – За време на бомбардирањето, единствен контакт со светот, всушност, беше Интернетот. Така контактирав со пријателите и со роднините низ светот. И така, една ноќ се случи некој мој ник да го покани на приватен чет, се посетува Милјана.
Крсте: Јас во тој период бев во војска и бидејќи играв ракомет одев на тренинг, а навечер кај мој другар во Интернет-кафе, да испијам едно кафе со другари пред да се вратам назад во касарната. Немав поим од компјутери (а не ме интересираше ни чет освен играње игри). Така, седнав на слободен компјутер да играм игра, меѓутоа на него имаше вклучен чет од претходен корисник. Сакав да ја исклучам програмата, ама случајно кликнав на еден од никовите зад кој се криела мојата сегашна сопруга. Го прашав другар ми што се случи, ми објасна што е четовање и рече “пиши додека да пуштам игра”.
Милјана: Јас обично разговарав со одреден круг пријатели и не контактирав со непознати, но ете кога нешто е судбина, понекогаш ги прекршува своите правила. Ме покани на чет некој кој пишуваше бавно…
Крсте: По првите пет минути заборавив на играта и продолжив да четам. Чукав толку бавно, така што нашиот прв разговор се сведе на десет реченици. И така се почна…
Милјана и Крсте: Ни ден-денеска кога правиме муабет за начинот на кој се запознавме, не знаеме кое е вистинско објаснување за тоа што се случи тогаш, најверојатно судбина. Зборувавме, но фотографии не разменивме, затоа што не ни беше важно кој како изгледа.
Крсте: Во старт водевме најобични разговори, а после кога почнавме да отвораме карта по карта, видовме за колку работи исто размислувавме и колку слични работи сакаме.
Милјана: Во тој тежок период кога над Белград паѓаа бомби, во Крсте најдов сродна душа, човек кој имаше разбирање и трпение да ја сослуша сета моја тежина што ја имав во себе. Знаеше да ме развесели, да ми даде надеж. Неговиот стил на хумор многу ми се допаѓаше. Се надополнувавме еден со друг. Првите недела- две правеле муабет по неколку часови, а по првиот месец тоа биле вистински маратони измешани со чатовање и со телефонски разговори. По два месеца, ете ти ја Милјана на гости во Струга, бидејќи Крсте како војник не можел да излезе од земјава. Крсте: И ден-денеска се чудам како Милјана собра храброст да дојде овде, но сега ми е многу мило што имала толку сила и доста лудост, ха, ха, ха.
Милјана: До моментот на моето дефинитивно доаѓање во Струга никој не знаеше за нашата врска.. .
Крсте: . . .освен нашиот кум Југослав, кој во тој период си го загуби партнерот за играње игри “стратегии”. До тогаш секоја вечер игравме “стратегии”, меѓутоа се појави Милјана и нашите дотогашни навики се сменија, ха, ха, ха. По речиси три месеци, Милијана и Крсте и законски стануваат едно. На љубовта и ставаат божја круна. Крсте открива дека Милјана во Струга се вљубила на прв поглед и веднаш кога го видела езерото, Струга ја споредила со малите прекрасни туристички места во Грција. А што се однесува на начинот на живеење, побавниот живот во Струга добро и дошол, по животот во Белград “сто на час”.
– Кога луѓето разбраа дека е ќерка на Зорица Брунцлик очекуваа во неа да видат девојка која ќе гледа од високо, народно речено, сноб. Меѓутоа сите многу побрзо ја засакаа и ја почитуваат токму поради обратното. Скромна, дружељубива со сите карактеристики што ги носи, како добро воспитана.
Милјана: Во мојата куќа секогаш имаше музика, што секако и сега е дел од нашиот живот. Секогаш кога ќе почувствувам дека ми недостигаат моите, тука се мамините песни да ме приближат кон нив… Нормално, на мајка ми и беше тешко, кога нејзината ќерка, за која таа секогаш ќе биде дете, така набрзина и се омажи и отиде далеку од неа. Но рече дека најбитно и е што гледа блесок во моите очи, кој и зборува дека сум среќна, а тоа за неа е единствено битно – мојата среќа. Обајцата еден извесен период живееле во Белград, а сега во Струга, и се надеваат дека и едното и другото ќе бидат две станици во нивните животи, не само затоа што тука им се семејствата, туку затоа што за нив тоа се единствените два града на Балканот кои имаат душа. За нив, секој ден носи нова радост.
– Секое утро имаме будење (не нарачано) од нашиот куќен миленик Аполон-Поли (пол и голден ретриевер), обврските околу него и, нормално, обичните обврски што ги носи денот. Моментално сме преокупирани околу компјутерот бидејќи тоа е она што не интересира во моментот. Милјана се занимава со веб-дизајн и работи на тоа да се усоврши, бидејќи студирала фотографија. Компјутерот и фотографијата се нешто што најмногу ја интересира. Крсте вели дека завршил со активно играње ракомет и дека ракометот не е виновен што не завршил Технолошки факултет. Случајно влегол во маркетинг професијата, па е посветен на едукација на таа тема, во комбинација со компјутер. Едноставно, сите овие работи со кои се преокупирани се обидуваат да ги стопат во една. Нова година чука на врата, а со тоа и нови желби.
– Нам желбата ни е онаа истата од минатата година, ама Дедо Мраз можеби немаше време за да ја исполни ха, ха, ха. Се надеваме дека во 2005 ќе ја исполни, и нашето семејство ќе се прошири барем со уште еден член. Секако, оваа желба со нив ја делиме и ние!
Валентина Ѓоргиевска