Жена и нејзиното дете се извлечени живи од урнатините на зграда во провинцијата Елазиг, источна Турција, по земјотресот во кој загинаа најмалку 38 луѓе.

Земјотрес со јачина од 6,8 степени ја погоди источна Турција во петокот вечерта, пришто 34 луѓе загинаа во провинцијата Елазиг, а четворица во соседната провинција Малатија.

Повеќе од 1.600 лица се повредени, додека 45 беа спасени под урнатините минатата ноќ.

Меѓу нив се и 35-годишна жена и нејзиното мало девојче.

На спасувачите, кои ги слушнале нивните повици им биле потребни неколку часа за да стигнат до мајката и детето на температура што се спуштила на четири степени под нулата.

„Можете ли да ме чуете? Доаѓаме. Ќе ве спасиме “, им довикнал спасувачот.

„Ве молам извлечете ме, не можам да издржам повеќе. Извадете ја ќерка ми, јас не сум ништо без моето дете “, рекла мајката, пренесува „Ројтерс“.

Нејзиниот сопруг загинал во земјотресот.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави во Елазиг,  дека спасувачката акција е при крај и сѐ уште се регистрираат дополнителни земјотреси.

Министерот за здравство Фахретин Коџа рече дека 104 лица се наоѓаат во болниците, од кои 13 се на интензивна нега, но ниту еден не е во критична состојба.

Погодените од земјотресот ќе почнат да добиваат финансиска помош од утре, додека од агенцијата за вонредни ситуации ги предупредија граѓаните кои се евакуирани од зградите сѐ уште да не се враќаат во своите домови заради опасност од рушење.

Акцијата за спасување на преживеаните од урнатините полека започна да престанува утрово, ден и половина по катастрофалниот земјотрес, а државната агенција за катастрофи соопшти дека тимовите работеле во текот на ноќта за да спасат 45 лица кои останале заробени под урнатините.

По главниот земјотрес, следеа над 700 помали.

извор: Makfax