Македонски авиотранспорт ќе го тужи ЈАТ за нанесените штети поради непочитување на договорот за субчартер кој пред неколку дена беше потпишан со ЈАТ и поради непочитување на постапката што е утврдена и во нивниот меѓусебен договор, а и во меѓународните прописи, за враќање на веќе изнајмен авион во својата флота. Југословенски авиотранспорт завчера пред полноќ до Управата за цивилна воздушна пловидба испрати известување дека нема да го врати авионот кој МАТ му го позајми на ЈАТ. Во истиот допис се бара и покренување постапка за враќање на авионот, односно бришење од македонскиот регистар на воздухоплови. Претходно, на сите најави од Белград дека ЈАТ нема да го врати авионот реагираше нашата Управа која побара од ЈАТ да го врати воздухопловот бидејќи тој се уште се наоѓа во нашиот регистар, односно да го испочитува постојниот договор. Дури потоа дојде барањето од ЈАТ кое, како што вели Емилијан Стаменковиќ, заменик-директор на УЦВП ќе се испочитува, односно, ќе почне постапката за испис која предвидува прво авионот да се врати во Скопје и да се спроведат законските процедури, а потоа тие да се извршат и во Белград. Од МАТ вчера реагираа со најава за тужба против ЈАТ, меѓу другото, и поради изнесените невистини за наводните долгови на МАТ, оценувајќи го потегот на нивниот долгогодишен партнер како неразумен и ирационален и дека нема никаква врска со деловните односи меѓу двете компании кои траат десет години. Оттаму очекуваат и остра реакција на нашата Влада поради незаконските чекори на ЈАТ со што се потврдува непочитување на институциите на нашата држава. Во меѓувреме, МАТ изнајми авион од Бугарија кој за компанијата ќе лета, најверојатно, додека не помине шпицот на сезоната во авиосообраќајот. (З.П.)