Турски суд покрена обвинение против двајцата британски новинари од “Вајс њуз” и нивниот преведувач, кои беа уапсени во четвртокот, поради “помагање на терористичка организација” и донесе одлука тие да бидат во притвор до почетокот на судскиот процес.

Двајцата новинари, дописникот Џејк Хенрахан и камерманот Филип Пендалбери се приведени додека известувале за борбите меѓу турските безбедносни сили и курдските бунтовници во градот Дијабекир, кој е населен главно со Курди.

Судот во Дијарбекир донесе одлука дека новинарите, за кои не се знае која терористичка организација наводно ја помагале, да бидат задржани во притвор.

Во соопштението на “Вајс њуз” се осудуваат “обидите на турската Влада да ги замолчи новинарите чии известувања од регионот се од клучно значење”.

Неименуван претставник на турските власти во четвртокот изјави дека британските новинари биле во контакт со бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК).

Инаку, турските сили за безбедност презедоа масовна операција против борците од Курдската работничка партија (ПКК) во источниот округ Тунџели, објави електронското издание на весникот „Сабах”.

Од понеделникот утрото властите во Тунџели издадоа забрана за патување на цивилни автомобили по патиштата Тунџели – Ерзинџан и Тунџели – Оваџак.

Екипи на полицијата вчера рано утрото почнаа операција за ликвидирање на борци од ПКК. Операцијата се извршува со поддршка на воени хеликоптери Атак, Кобра и Сикорски. Во акцијата се вклучија и специјални сили.

„Сабах” информира дека воените хеликоптери отвориле оган кон неколку стратешки цели на ПКК.
Претходно вчера во експлозија на бомба, постевена покрај патот во југоисточниот округ Шарнар беа ранети петмина полицајци.