Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ реагира во однос на ситуацијата и техничките проблеми на порталот на Државната изборна комисија за време и по изборниот процес на предвремените парламентарни избори.

„МАСИТ како влијателно тело за сите процеси на дигитализација и транспарентност, а особено како комора која ги застапува ИТ компаниите, укажува дека дигиталните проекти, производи и услуги кои се од општествено, економско и државно значење, независно дали законот тоа го предвидува или не, треба да се договараат и реализираат на максимално транспарентен, објективен и етичен начин, и при тоа, никако не смее да биде изземена комората МАСИТ која е носител, иницијатор и реализатор на дигиталните процеси во земјава.

Истовремено, сугерираме при селекцијата на компанија поврзана со активности во јавниот сектор, секогаш да се побараат релевантни референци, соодветни сертификати, експертиза и искуство во дадената област. Во време на политички и општествени промени, научивме дека транспарентноста и интегритетот се клучни за создавање на здрави процеси и квалитетни проекти и тргнувајќи токму од таа кауза упатуваме силна сугестија за исползување на ресурсите, експертизата и стручните мислења на комората МАСИТ во дигитални проекти од општествено-национално значење“, се вели во соопштението.

извор: Makfax