Можноста која пред некоја вечер им ја даде МРТВ на двајцата предевровизиски претставници Мартин и Александра, да се претстават со мини концерт во живо, се претвори во вистинска брука. Како што се слуша, Македонската радио и телевизија, како организатор е доведена во ситуација да размислува да ги дисквалификува и двајцата – Александра затоа што на неодамнешното финале “Плеј, потрага по нова ѕвезда”, што го организираше М2 продукција, беше најавена како македонски претставник за Евросонг 2005, а Мартин затоа што наместо со шест, својот концерт произволно го продолжи со плус народната песна “Јано, мори”, со која ги поздрави иселениците, што секако беше надвор од правилата. Нејсе! Како што не сме научени да ја завршиме секоја работа со добро со арно, очекувавме сличен заплет, само што пооптимистички верувавме дека тоа ќе се случи на големото финале закажано за 19 февруари, кога во Универзалната сала двајцата требаше да испејат по четири песни и да се одбере евровизиската. Ако се дисквалификуваат, кого ли ќе го одбере МРТВ? Дали некој од преостанатите кои беа во потесен избор (Тамара, “Суперхикс” или Тијана), или ќе се прифати онаа варијанта која им ја сугерираат новинарите: македонската поп дива Калиопи заедно со европската кралица на ромската песна Есма, или можеби (најпаметно) да го прескокнеме Киев, па да одмориме малку? (Ва. Ѓ.)