Песната “Make my day” македонскиот пејач Мартин Вучиќ вечерва ќе ја изведе на големата евровизиска сцена, откако пред две вечери успеа да влезе во кругот на десеттемина најдобри од полуфиналето, заедно со претставниците на Унгарија, Романија, Норвешка, Молдавија, Израел, Данска, Хрватска, Швајцарија и Латвија. По нивното прогласување, десетте новопечени финалисти се сретнаа со седмата сила, во прес-центарот недалеку од киевската Спортска палата, а сето тоа, како и Евровизијата, беше директно пренесувано во повеќе земји. Мартин го имаше најдобриот настап до сега, заедно со Дејан Бобиќ-Дексо и Ѓоко Таневски, како придружни вокали, и трите танчарки од Белград и како што ни изјави еден грчки новинар – го најде вистинскиот клуч за успех – пееше многу опуштен и релаксиран, што веројатно најмногу му го оласни патот кон “поен повеќе”. Во однос на некои од главните фаворити се случи пресврт, па така наспроти сите очекувања и пишувања од обложувалниците и интернет гласањата, претставничките на Холандија и Исланд нема да имаат повторно можност да се натпреваруваат на финалето. Не влезе ни Белорусинката Анжелика Агурбаш, за која, се до последен момент, се шпекулираше дека нејзиниот сопруг го отворил паричникот пласирајќи неколку милиони евра за нејзината промоција, која во Киев земаше се поголем замав, што дури внел и немир и кај фаворитката Хелена Папаризу од Грција. На официјалната прес-конференција Мартин за Дојче Веле изјави дека е среќен, што од Балканот доаѓа се посилна конкуренција и дека е време домаќини да бидат земјите од Балканот, без разлика дали тоа ќе биде Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, БиХ, Словенија или Албанија. Во (и пред) полуфиналето најмногу се издвоија норвешките претставници, групата “Виг вам” со песната “COme on”. Нивниот хард-рок звук делува демоде во однос на современата продукција, но за Евросонгот е вистинско освежување, за првпат на ваков фестивал. “Виг вам” ја почнаа прес-конференцијата со песната на “Квин”, “Ње њилл роцк ѕоу”. За “Вечер” изјавија дека нивни фаворит сепак е Грција и постојано еуфоричниот и шоуменски расположен пејач на бендот дополни дека е возбуден што “се тушираат, спијат, се будат со Хелена” – но сето тоа само во ист хотел. Додека Борис Новковиќ смета дека таквата песна не е најсоодветна за Евровизија, “Виг вам” пред вечерашното финале се најголемата атракција, после Руслана, која и тоа како повторно покажа дека беспрекорно умее да ги држи сите конци во свои раце. Од моментот на нејзината проба во четвртокот, кога пристигна и Украинецот Виталиј Кличко, светски шампион во бокс, до вечерва (а можеби и потоа!), Руслана останува главно обележје на Евросонг. Група од неколку расплакани возрасни жени ја чекаа пред Спортската палата и му создаваа дополнителни проблеми на обезбедувањето. Постери од Руслана се залепени низ цел Киев.


Специјално за “Вечер” од Киев: Валентина Ѓоргиевска