Поранешниот висок црногорски државен финкционер од владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) Светозар Маровиќ ги негираше медиумските наводи дека преговара со странски разузнавачКи служби за да го компромитира црногорскиот државен врв, пренесува подгорички Дан.

-Ниту сум издал некого, ниту сум лажел за некого, ниту имам таква намера. Никого не обвинувам за ништо, а Бог нека им помогне на оние од моја близина кои тоа го правеле, клеветеле и пилатовски миеле раце од се, вели Маровиќ за весникот.

Маровиќ е обвинет дека во повеќе зделки со пропродажба на општински недвижности и градба во Будва го оштетил буџетот на овој град за неколку милиони евра.

Доскорешниот функционер на владејачката ДПС беше уапсен во декември минатата година и од затвор излезе по шест месеци откако се спогоди со Обвинителството и ја призна вината.

Со Обвинителството се спогоди да помине во затвор 4 години и 4 месеци и да плати 100 евра во хуманитарни цели.

Специјалното обвинителство против Маровиќ води и финансиска истрага за време на која ќе испита дали нелегално стекнатите пари ги ставал во својот џеб. Обвинителството потоа ќе утврди колку пари функционерот на ДПС ќе мора да и врати на државата на име на отштета.

Освен Маровиќ, со Обвинителството се спогодија и неговиот син Милош и брат му Драган, кои исто така се обвинети за малверзации во Будва.

По излегувањето од затвор, Маровиќ поднесе оставка на местото претседател на Политичкиот совет на ДПС. Маровиќ беше и претседател на Државната заедница Србија и Црна Гора се до осамостојувањето на Црна Гора.