МАРКОВСКИ ВРЕДЕШЕ ПОЛОВИНА ЕКИПА
Македонскиот машки ракометен првак Вардар на стартот во новата сезона во “А” групата во Лигата на шампионите, на гостувањето во Барселона против истоимениот шпански гигант, иако загуби со 31:22 (16:12), не се посрамоти. Напротив, вардарците во текот на сите 60 минути воопшто не ја респектираа големата Барса, составена од врвни европски интернационалци. Дури во поголем дел од првото полувреме беа и рамноправен противник, головите ги постигнуваа од вдахновени акции, повеќ ето од шест метри. Ако на голот на Барса не беше расположениот Периќ, можеби, крајниот исход ќе беше и поинаков. Поразот ќе беше помал. Централна фигура во вардаровиот состав беше Иве Марковски, кој за шпанската одбрана и за Периќ и за Беруфет беше нерешлива загатка. Тој, 11 пати ја погоди мрежата на Шпанците, а ако во самиот финиш, при резултат 30:22 од седум метри не ја погодеше гредата на голот на Периќ, предноста на Барса ќе беше само седум голови. Вака, во последната секунда Ромера поентираше и на крајот 31:22. Следен противник на Вардар, в недела во “Кале” ќе биде унгарскиот ПИК Сегед. Во вториот натпревар од “А” групата, ПИК Сегед го совлада романскиот тим Констанца со 27:24.