Македонската тениска репрезентација од 9 – 14 мај ќе биде домаќин на Дејвис купот во рамките на Европската зона – Трета група. Натпреварите ќе се одиграат на терените на ТК Југ во Градски парк, а ќе учествуваат 12 репрезентации од Европа поделени во четири групи: Албанија, Андора, Ерменија, Грузија, Исланд, Малта, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Сан Марино и Турција. Двете најдобропласирани селекции ќе обезбедат пласман во Европската зона – Втора група, наредната година.

Селекторот на македонската тениска репрезентација, Дејан Маринковиќ е дециден дека нема да биде лесно да се стигне до финалето кое ќе не однесе еден ранг погоре во најелитното тениско репрезентативно натпреварување.
– Би сакал да бидеме во група со Албанија, Сан Марино и Малта, но не би ја посакал Норвешка. Оптимист сум дека ќе обезбедиме место во Втората група. За нас можеби најтежок ќе биде полуфиналниот натпревар каде би се сретнале со репрезентациите на Турција, Црна Гора, Норвешка или Молдавија, вели Маринковиќ.

За овие натпревари Маринковиќ смета на веќе добро познатиот состав: Предраг Русевски, Лазар Магдинчев, Томислав Јотовски и Димитар Грабуловски.
Натпреварите за тоа кои две репрезентации ќе обезбедат пласман во втората група во Дејвис купот стартуваат на 11 мај, откако претходно ќе бидат извлечени групите на 10 мај во хотелот Белви (11 ч.).

(С.Та)