Возобновениот скопски полумаратон, по девет години, мина со многу проблеми од организациски аспект. Организаторот потфрли во секој можен сегмент, поради што родителите и наставниците кои ги придружуваа натпреварувачите од основните училишта беа крајно револтирани од сето она што се случуваше на патеката, од стартот пред Собранието на Македонија до целта на плоштадот, Македонија.

Долго се дискутираше за победниците и додека траеја расправиите учесниците, повеќе од 100, изложени под ведро небо, на високи температури го чекаа ветениот, задоцнет, оброк, што внесе дополнителна нервоза.

Неофицијални победници во трката на 2000 м се: Ненад Ацковиќ, Амер Ејуб и Рамадан Хусеин (момчиња), Данче Николовска, Сара Петковска и Марија Василевска (девојчиња).

Во трката на 5000 м во која настапија средношколци и студенти (околу 100) првите три места им припаднаа на: Симона Терзин, Катерина Димовска и Симона Трајковска (девојки), Илир Келези (Албанија), Сашо Даневски и Александар Кираџиев ( момчиња).
Пријатно изненадување беше појавата на специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на европската комисија Ерван Фуере кој влезе во коштец со многу помладите учесници. Трката ја заврши во златната средина.

-Организаторите ја имаат мојата целосна поддршка. Убаво е што се возобнови овој настан и се надевам дека ќе стане традиција. Нема да го коментирам мојот пласман бидејќи не сум прв ниту последен. Но, сепак не е важно местото туку она што ќе почнете да го правите да го направите до крај, изјави Фуере.

Како посебна атракција беше најавена трката на 21,1 км со настап на атлетичари од нашата земја и странство (58). Кај жените триумфираа претставничките од Молдавија: Светлана Чепелева, Лила Тозловану и Наталија Черкес, додека кај мажите доминираа странците. Првото место во драматична завршница му припадна на Станислав Ламбев, (Бугарија), втор беше Јарослав Мислински, Молдавија, а трет Абдурахман Шкодра ( Косово).

Од нашите натпреварувачи најуспешен беше Трпе Мартиновски кој трката ја заврши на осмо место, додека Зоран Саздов беше девети.
Славе ТАСЕВСКИ
ФОТО: А. Ивановски