Еден гол беше доволен да се реши „Дерби д’Италија“ и да го „крене“ Јувентус уште поблиску до осма титула во низа во Серија А, откако Марио Манџукиќ во 66. минута во Торино го постигна победничкиот гол за 1:0 триумф на Јуве над Интер.

„Нераѕурите“ остануваат без победа на гости кај Јуве од сега веќе далечната 2012 година и уште позагрижувачки на третото место на табелата со 14 поени помалку од „бјанконерите“.

Двата тима имаа свои шанси во првото полувреме. Иван Перишиќ одлично го најде Мауро Икарди, пред Кјелини да го спречи додавањето, а Интер имаше уште две златни шанси во првото полувреме – Гаљардини од 10 метри не успеа, а моменти подоцна Политано ги најде Икарди и Перишиќ кои не се снајдоа најдобро.

Јуве се закани во интересното прво полувреме пред Марио Манџукиќ да се обиде со глава, а Бетанкур го примора Марцело Брозовиќ на интервенција. Моментот на одлука дојде во 66. минута, кога Жоао Кансело фантастично го најде Манџукиќ во шестнаесетникот, кој со глава го совлада Хандановиќ.

Фото: ЕПА

извор: Makfax