Министерот за информатичко општетство и администрација, Дамјан Манчевски, денеска на прес-конференција ги повика вработените во јавниот сектор да пријават доколку се соочуваат со каков било притисок на работното место, притоа уверувајќи дека пријавувањето е анонимно.

Вработените тоа можат да го направат преку алатката што месецов ја објави Министерството на својата веб-страница.

„Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитетни“, рече Манчевски.

Министерот појасни дека алатката служи со цел вработените во случај на притисок да имаат каде да се обратат и претставува предупредување дека секој обид за злоупотреба на службената положба ќе биде санкциониран. Додаде дека Министерството се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи на понатамошно постапување.

Алатката беше објавена на 13 месецов, а досега не пристигнала ниту една пријава.

извор: Makfax