Почетокот на новата сезона во мотоциклизмот, во неделата за Големата Награда на Шпанија, почна доста контроверзно. Имено, на големо разочарување на публиката во Валенсија, миленикот на Шпанците Сете Хибернау не успеа да ја забележи победата во најсилната класа, иако ја имаше, речиси в џеб. Тој водеше се до последниот свиок, кога пред целта имаше близок контакт со четирикратниот светски првак, Валентино Роси, по што беше турнат од патеката. “Докторот” од Италија без проблеми ја мина целната линија, а Сете мораше да се задоволи со второто место на победничкиот пиедестал. Но, сезоната е долга, а навивачите на шпанскиот возач ќе имаат уште многу можности да го поддржат во тешката борба со Италијанецот. Сепак, најголемата поддршка за него, секако ќе дојде од неговата девојка, првата шпанска манекенка во овој момент, преубавата Естер Канадас, која го бодреше и во неделата. Овојпат, таа не му донесе среќа, но нема причини за грижа, бидејќи и покрај големите обврски на двајцата, тие го користат секој слободен момент заедно. Радоста на домашната публика и ја донесе светскиот првак Дани Педроса, кој триумфираше во класата до 250 кубици, а Италијанецот Марко Симончели беше најбрз во најслабата класа, до 125 кубици.