Мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар од Скопје под диригентската палка на Ванчо Јовчев имаше успешно претставување на 2. Меѓународен фестивал за хорови и оркестри “Њиен Мусиц Фестивал” што од 11 до 14 септември се одржа во Виена, Австрија.

Нашите инструменталисти од неколку генерации одржаа два концерта, од кои вториот во салата на Конзерваториумот за драмски и музички уметности во Виена. На програмата беа изведени дела од Бах, Шуберт, Вилијамс, Шостакович… како и неизбежното „Македонско капричо” од Драган Шуплевски.

Посебно се издвојува изведбата на младата, но веќе докажан виртуоз на виолината, Ева Богоевска, како солист во делата на Вилијамс (темата од филмот “Шиндлеровата листа”) и на Шуплевски.

И второто издание на фестивалот имаше ревијален карактер. На него годинава учествуваа ансамбли и хорови од Полска, Финска, Чешка, Норвешка, САД, Словенија, Италија и Македонија. Освен од публиката, замакедонските музички уметници, особено драгоцени беа и аплаузите што на секој чекор ги добиваа од другите фестивалски учесници кои не го криеја воодушевувањето од квалитетот во изведбата на македонските колеги.

Учеството на Мандолинскиот оркестар на 2. Музички фестивал во Виена, Австрија се реализираше со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.