Мандатар или избори!
Нов, можеби и последен состанок, му останува на демократскиот блок на Србија за усогласување на тврдите партиски ставови околу формирањето на идната влада. Тој треба да се одржи до крајот на неделава, на кој ДС, ДСС и Г17 плус ќе треба да го соопштат името на новиот мандатар, во спротивно ДСС на Коштуница повеќе нема да учествува на понатамошни преговори. Ваквиот ултиматум практично значи отворен пат кон повторни парламантарни избори и уште едно разочарување на Европа кон демократските капацитети на Србија.
Завчерашниот попладневен состанок не промени ништо. Сите останаа на своите тврди позиции, пред се ДС и ДСС, но и со убедување дека вината за неспособноста да се определи мандатар и формира нова влада, е кај спротивната страна. Преговарачкиот тим на Коштуница, смирено и за “последен пат”, го одби предлогот на ДС за мандатар да се именува Божидар Ѓелиќ, но не го истакнаа и својот предлог. Нивно уверување е дека Тадиќ конечно ќе прифати својата трешка и предлогот за мандатар ќе им го даде на ДСС кои потоа би ги исфрлиле лидерот Коштуница за кандидат. И првиот човек на Г17 плус Млаѓан Динкиќ смета дека наредниот состанок ќе биде последен на кој ќе се чека само на изјаснувањето на Тадиќ, како претседател на држава, да го соопшти името на мандатарот. Ако и тој состанок помине како и сите претходни, тогаш парламентарните избори се неминовни, сметаат повеќето партиски лидери и политички аналитичари во Србија.