Македонија има сериозни “шанси” да го зголеми својот трговски дефицит за нови 50 милиони долари. Ова го велат нафтените експерти од државата, кои велат дека отприлика толку ќе не чини воведувањето од 8 насто царина за македонските стратешки производи, првенствено на нафтата, кој е централен бизнис во Косово. “Македонија влета тотално неподготвена во битката за големиот нафтен колач од 200 милиони евра годишно којшто се остварува во Косово. Како влетавме така и излетавме од бизнисот, велат наши извори, кои тврдат дека сепак можевме да се избориме за некоја поповолна позиција во воведувањето на царини кон Македонија. Имено, царините во старт се нелегални, бидејќи според ЕУ-правилата, тие може да се воведат само ако постои домашно производство и тоа треба да се заштити. Во Косово нема нафта, но има многу доходовен бизнис со нафта. ОКТА носеше 1/9 од севкупниот македонски извоз во Косово, и беше најконкурентен нафташ. Сега тој примат ќе го изгуби”, коментираат познавачите на состојбите.
За тоа што стои зад воведувањето на царини кон Македонија, од страна на привремените косовски власти, постојат неколку “теории”. Според едни ова е тивката “одмазда” на Мамидакис, односно “Џетоил” за компромитирачкиот договор за продажба на ОКТА на “Хеленик петролеум”. Македонската влада ниту ги докрајчи договорите со Хеленик за спорниот ексклузивитет, ниту расчисти со Мамидакис, кој ги доби речиси сите спорови пред Европските судови. Она што го загуби во изминатите пет години од македонскиот пазар. Зголемен со камати сега ќе ги добие на косовскиот, со тоа што ќе ја истисен ОКТА на втор план, велат наши извори.
Но, најстрашно е дека ОКТА може со време да стави и клуч на врата со ваква маргинализација на соседните пазари, посебно ако Хеленик добие приватен газда, односно грчкиот нафтен магнат Лацис.
Според други неофицијални извори, зад косовските царини стои пактот за стабилност, односно Бусек, кој наводно попуштил пред големите нафтени коалициии од ЕУ како италијанско-грчкото, руско- бугарското, хрватското и т.н. преку премолчено одобрување на нелегалните царини за Македонија и менување на “нафтената карта” на овој растечки пазар.


Виолета ЦВЕТКОВСКА