Во преполното “Кале”, по клупскиот, уште еден празник на ракометот во нашата држава, овојпат репрезентативен. Ракометарките на Македонија, во првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство, идната година во Русија, ја совлада фаворизираната селекција на Србија и Црна Гора со 30:28 (15:14). Крајниот исход можеше да биде и поинаков, нашите девојки имаа можност да слават и со повеќе од 4 голови, но лошиот финиш, многуте технички грешки и промашувања, особено во последната минута на средбата, му овозможија на поискусниот противник да спречи повисок пораз. Вака, на реваншот, следниот викенд во Ниш, патуваме со “плус два”, залиха која треба да се одбрани, но и која му дава шанса на противникот дека на домашен мегдан може да ја анулира нашата предност. Во секој случај, претстои неизвесно “второ полувреме”. Натпреварот мина со многу падови во играта на двете репрезентации, зашто по убавиот почеток и водството на Македонија од 3:1 и 5:3 дојде до израмнување и до крајот на првите 30 минути двете екипи се менуваа во водство. Во последните две минути успеавме преку Боева двапати и Тодоровска ја анулиравме предноста на “сините” и на одмор заминавме со гол предност – 15:14. Во нашите редови не функционираше нападот, бидејќи Бујанова, која и во Кометал Ѓ.П. и во репрезентацијата е двигател на нашата игра, имаше успешен “фластер” во Ѓокиќ, која беше нејзина верна сенка во сите 60 минути. Кога таа се одмораше, успешно ја заменуваа Батиниќ и Огњеновиќ. Сето ова резултираше со непречена игра на нашиот состав, со исклучок на храбрата Партенко и одлучната Боева, кои успешно стрелаа од бековската позиција. Во таков стил се одигра и второто полувреме, што во финишот донесе драма за двете репрезентации. Трите гола позитива на Македонија (19:16), по многуте грешки беа анулирани и противникот дојде во водство преку поранешната ѓорчепетровка Тања Медвед (21:22, 45 мин.). Сепак, успеавме да се соземеме, противникот ја загуби концентрацијата, Радуловиќ и Тодоровска се размавнаа, и Македонија на трипати поведе со 4 голови разлика. Кога требаше противникот да го дотолчиме во последните минути, се случи повторен пад во нашата игра. При 30:26 имавме долг напад, но Бујанова биеше крај голот и уследи горчлив финиш за нас. За неполна минута, Медвед двапати поентираше, а во последниот напад, Пецевска не успеа да постигне гол.


Вилизар ПАВЛОВ