Измените на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот може да го закочат стартот на првиот Гарантен фонд во државава. Според Акциониот план на Владата за спроведување на владината економска програма, Гарантниот фонд е предвидено да стартува најдоцна до 30 овој месец. Иако, до предвидениот тајминг останаа уште само неколку дена, како што дознаваме, нацрт-верзијата на измените на Законот, Владата се уште не ја прочешлала, па од тие причини во банкарски кругови се зборува дека е можно да дојде до пробивање на рокот за отпочнување со работа на Фондот.
Практично, до минатата недела Владата не исполнила ниту еден од условите неопходни за да профункционира Фондот, односно да ги “испегла” измените на Законот за МБПР, кои потоа ќе добијат и виза од пратениците, како и да префрли 270 милиони денари од буџетот. Иако овие пари се обезбедени со годинашниов ребаланс од дивидендата од Телеком, тие се уште не се трансферирани.
Од Македонска банка за поддршка на развојот во чии рамки ќе се формира Фондот, сепак се оптимисти дека целата работа ќе се заврши навреме и дека деновиве ќе се донесат законските измени.
Преку Гарантниот фонд државата со пари од буџетот ќе гарантира за враќањето на кредитите кои деловните банки ќе им ги одобруваат на малите и средни претпријатија. Целта е да се намалат каматите за кредитирање на малото стопанство и да се намали ризикот на банките за одобрување на кредити на овие фирми. Македонските мали и средни претпријатија кои имаат иновативни, извозно ориентирани и земјоделски проекти најверојатно веќе од идниот месец, така барем се планира, ќе добиваат поповолни кредити од деловните банки, за кои како гарант за враќање ќе се јавува и државата. МБПР нема да функционира како деловна банка, туку ќе има за цел заедно со деловните банки да го сподели ризикот кој постои во кредитирањето на малите бизнис. Гарантниот фонд треба да биде олеснување најмногу за оние фирми кои имаат добри перформанси, но немаат доволно имот за да обезбедат хипотека.


Весна М. БОЖИНОВСКА