Гарантниот фонд за поддршка на малите и средни претпријатија, како дел од економската програма на Владата за годинава, ќе стане оперативен до крајот на годинава. Ова е оптимистичката најава од првите луѓе на Македонската банка за поддршка и развој од каде што велат дека деновиве ќе биде надмината и последната законска пречка. За формирање на овој Фонд, кој според Акциониот план на Владата требаше да ја почне работата кон крајот на септември, единствено се чека уште на донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за основање Македонска банка за поддршка на развојот. Конечно, деновиве, по неколку месеци овој законски проект го помина “чешлањето” во собраниската Комисија за финансирање и буџет, а се очекува дека од страна на пратениците ќе биде “визиран” на првата наредна собраниска седница.
Средствата за основање на Фондот од 256 милиони денари се веќе обезбедени во Буџетот, а тој ќе работи во рамките на Македонската банка за поддршка на развојот. Ќе гарантира средства кои стопанските субејкти ќе ги земаат како кредити од деловните банки во висина од една третина од износот на кредитот, но не повеќе од 35 илјади евра. Максималниот износ за кој ќе гарантира Фондот е 150 илјади евра. Средствата со кои ќе располага Фондот покрај за поддршката на малите и средни претпријатија, ќе може да ги пласира и во купување државни хартии од вредност и тоа дури 70 проценти. Фондот ќе може да гарантира еден кредит во три години.
Стартувањето на Гарантниот фонд според претставникот на Министерството за финансии Мелаим Адеми е операционализација на владината програма, како и можност за приватизација на Македонската банка за поддршка на развојот бидејќи 30 до 40 проценти од капиталот може да биде странски.


Весна М. БОЖИНОВСКА