Македонската агенција „Макфакс“ и бугарската агенција „Фокус“ потпишаа договор за соработка, размена на информации и заеднички активности во Македонија, Бугарија и на Балканот.

„Фокус“ е првата и најголема бугарска информативна агенција, основана на 7 јуни 2000 година. Агенцијата работи 24 часа секој ден, 365 дена во годината и е основен извор на вести на бугарските и интернационалните медиуми за случувањата во Бугарија, на Балканот и во светот во реално време. Таа го постигнува ова преку најголемата дописничка мрежа во Бугарија и со договори и партнерски односи со повеќе водечки светски медиуми како Франс прес, РИА-Новости (Русија), ВОА (САД) и др.

Во август 2004 „Фокус“ основа сопствен синџир на информативни радиостаници, кои за четиринаесет години успеаја да се етаблираат како најголемата бугарска радиомрежа со над 90% покриеност на територијата на Бугарија и работа на 60 радиостаници.

Агенцијата и „Радио Фокус“ располагаат со 15 сопствени канцеларии кои подготвуваат 12 самостојни програми, 120 централни емисии и вести, како и информации за сите патишта во земјата и серија специјализирани публицистички, информативни, културни и музички емисии.

По договорот со радиостаницата „Гласот на Америка“ (ВОА) од 21 февруари 2011 година радиостаниците на „Фокус“ секој ден пренесуваат информативни емисии и на англиски јазик насочени како кон бугарските слушатели, така и кон сите странски граѓани и институции кои живеат и работат во Бугарија.

Од 17 јуни 2011 „Фокус“ почнува со издавање на единствената радиопрограма за Бугарите од историската дијаспора на териториите на Молдавија и Украина. За изминатите осумнаесет години „Фокус“ се утврди како докажан бренд за вистинити вести, каде што нема место за лажни и измислени сензации.

Информативната агенција „Макфакс“ е првата македонска приватна информативна агенција, основана во 1992 година, која работи раководена од принципите на брзина, коректност, точност, доверливост, објективност и независност.

Новинарските објави на „Макфакс“ се основен избор за информации за Македонија и регионот за локалните и меѓународните печатени и електронски медиуми, како и на државните и општествените институции и на дипломатските мисии акредитирани во Скопје.

Красимир Узунов, директорот на агенцијата „Фокус“, истакна дека заедничките активности на двете информативни агенции ќе бидат од целосна полза на нивните бројни корисници и читатели во Македонија и Бугарија и ќе создадат уште поголеми можности за нивна навремена информираност.

извор: Makfax