АД „Пошта на Северна Македонија“ отпечати марка за 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, со карта во некогашните граници на НДХ (Независна Држава Хрватска) со делови од БиХ, Србија и Црна Гора, наместо во актуелните. Со цел да се изрази благодарност за Хрватска која во моментов претседава со ЕУ, на 6.000 поштенски марки се најде националистичката карта на „Голема Хрватска“, а од Македонски пошти појаснија дека направен бил технички пропуст.

Веста веднаш беше проследена со реакции во јавноста, а српското Министерството за надворешни работи му врачи протестна нота на македонскиот амбасадор во Србија. Во протестната нота се вели дека вквите обиди за историски ревизионизам грубо ги нарушуваат билатералните односи меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и соработката и стабилноста во целиот регион.

Од Македонски пошти се извинија и ја повлекоа марката. Велат дека станува збор за ненамерна грешка.

„На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш се повлекува од употреба“, велат од АД „Пошта на Северна Македонија“.

Оттука изразуваат жалење, коментирајќи дека нивна цел било со оваа поштенска марка да изразат благодарност до Хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата држава.

По гафот одржана била итна седница, на која покрај поништувањето на тиражот, донесена е и одлука за а разрешување на раководителот на Бирото за филателија и одлука за разрешување на Советот за поштенски марки.

извор: Makfax