Проверка на имотната состојба на политичарите и Закон за финансиска лустрација, се двата проекти што Македонски концепт ги нуди за надминување на длабоката поделба меѓу богати и сиромашни граѓани.

Како што велат од политичката платформа, спроведувањето на овие два проекти е со цел да завладее правото, секој да се соочи со последиците од своите дела и да се стави крај на празните ветувања.

„Премногу долго сме заложници на празните ветувања на политичарите, и левите и десните, а притоа тие се богатат. Веќе триесет години во оваа држава ниту еден политичар не одговара за своите постапки. Имаме корупција во државата, но дали вистински се бориме против неа. Не, сето тоа е само декларативно. Затоа Македонски концепт ќе се залага за носење Закон за финансиска лустрација. Да се лустрираат оние граѓани кои се стекнало со големо богатство од 1990 до денес. Овој закон ќе побара докази како е стекнато богатството. Доколку не се докаже потеклото, имотот ќе подлежи на данок што е 50 проценти од вредноста на имотот. Ако не се исплати данокот, да се конфискува соодветен дел од имотот. Парите собрани од оваа финансиска лустрација да се наменат за проектот за обештетување на граѓаните. Само на тој начин ќе постигнеме фер амбиент и ќе докажеме на дело дека сакаме да се бориме против криминалот и корупцијата”, истакна Стево Насковски, носител на листата на кандидати за пратеници за ИЕ 5.

Македонски концепт има и проект за проверка на имотот на сите политичари со систем за следење на нивните сметки.

Насковски рече дека суштината на овој концепт е потекло на имотот уште додека се кандидираат кандидатите за пратеници или за државни функционери.

„Еден од врвните приоритети треба да биде безусловно носење Закон за заплена на имот доколку не се докаже од каде и како е стекнат, како и заплена на имотот на функционери и политичари коишто не можат да го докажат неговото потекло”, вели тој.

Претставникот на Македонски концепт порача дека нивната заложба е да ја направат Македонија да биде држава на сите, каде секој ќе има шанса за достоинствен живот.

извор: Makfax