Дела на македонски класици во иднина ќе можат да се читаат во електронско издание, и тоа бесплатно – во целиот свет.

Вчера беа промовирани 12 нови електронски изданија на истакнати автори од Македонија, проект кој со поддршка на Владата на РМ и Министерството за култура го реализира Фондацијата “Македоника”. На сајтот на оваа фондација makedonika.mk веќе можат да се прочитаат 600 дела.

“Од основањето во 2013 Фондацијата “Македоника” прерасна во една од најголемите дигитални библиотеки во регионот, а посебно радува фактот што електронското издаваштво е светски тренд кој и во Република Македонија застанува на здрави нозе. Годинава околу 3 милиони денари беа издвоени за поддршката на електронското издаваштво и дигиталната публикација, каде влегува и оваа поддршка на фондацијата Македоника”, истакна министерката за култура на РМ Елизабета Канческа- Милевска.

Меѓу дванаесетте електронски изданија се делата на Славко Јаневски, Ѓорѓи Абаџиев, Живко Чинго…, како и голем број на е-списанија и публикации во делот на музичката уметност.

“Самата дигитална библиотека на фондацијата ја користи и дијаспората и сметаме дека е многу важна за надградување на образованието. И во иднина ќе продолжиме со поддршка на електронското издаваштво кое треба да се преслика и на останатите капитални проекти. Се надевам дека и голем број дела што се преведуваат, како “Ѕвезди на светската книжевност” и 35 тома на македонската книжевност ќе се најдат во оваа електронска дигитална библиотека”, додаде Канческа -Милевска.

Зоран Спасов, еден од оснивачите на Фондацијата, пак, посочи дека дваесет месеци колку што таа постои, се водат според мотото “книга дневно”, така што досега преку 600 бесплатни книги се достапни до сите читатели.

“Имаме 32 000 регистрирани читатели, голем дел од Македонија, а уште повеќе надвор од границите на државата. Ова е единствена можност сите граѓани што живеат во дијаспората да дојдат во допир со делата на нивниот мајчин јазик. За десетина дена ќе илезе и нова верзија на апликација на Македоника, која може да се симне на било кој мобилен уред или таблет и се надеваме дека ќе биде во првите пет во светот. Секој граѓанин може бесплатно да се регистрира и да ужива во читањето на македонски дела”, посочува Спасов.

Тој додава дека во Фондацијата се обидуваат целата македонска литература да ја направат бесмртна и достапна во неограничен тираж, а со тоа и да го поттикнат и читањето и пишувањето.

“Имаме и преку 100 дела што се за првпат се излезени директно во електронско издание, што на авторите им овозможува поголема достапност и побрза афирмација. Едицијата “Македонски класици” е еден од проектите кои ги реализираме со поддршка на Министерството за култура”, вели Спасов.

Фондацијата Македоника, која е лидер во регионот и пошироко, со проектот за бесплатна дигитална библиотека, има добра соработка со сите културни институции во државата, меѓу кои и со МАНУ и Унивезитетската библиотека “Св. Климент Охридски”. (Д.Т.)