Изборот на изведувач на втората фаза од обиколниот автопат на Скопје веќе подолг период е прекриен со превезот на таинственост. Освен само некои штури шпекулации до каде се наоѓа постапката, други информации речиси и нема. Оттаму, зачудува зошто толку голема таинственост му се придава на овој избор, кога отворањето на понудите во октомври минатата година беше јавно. Пред сите заинтересирани учесници и претставниците на ЕБРД – Банката и медиумите, беа презентирани во детали имињата на десетте понудувачи со нивните финансиски понуди, гаранциите и роковите за изведување. Сепак, информациите што стигнуваат до јавноста говорат дека е направен потесен избор од четири конзорциуми, чии понуди се оценети како најповолни и задоволителни. Станува збор за многу блиски понуди при што за изборот, како што се зборува, ќе одлучуваат нијанси. Дознаваме дека македонскиот конзорциум составен од градежните фирми “Пелагонија”, “Маврово” и “Бетон” е влезен во четворката. Македонската оператива понудила 13-те километри автопат да ги изградат за 40 милиони евра (проектната документација чини 55 милиони евра). Четиристотини илјади евра пониско, односно 39,6 милиони евра понудиле грчко-италијанскиот конзорциум “Темелиодоми” – “Импреса”, додека пак познатиот австриски градежен гигант “Страбак” сака да ја добие работата за 39,3 милиони евра. Грчката фирма “Терна” понудила 37 милиони евра. Најниска цена од 30 милиони евра е на фирмата “Ебедос” од Грција, на која работите во последните две години не и одат најдобро, но оваа понуда поради прениската цена е оценета како несериозна и најверојатно ќе биде елиминирана, велат нашите извори. Изградбата на втората фаза од Оризари до Сарај (првата веќе ја гради скопски “Гранит”) е финансирана од Европската банка за обнова и развој и затоа целиот процес околу изборот се води под нејзин мониторинг.


Светлана БЛАЖЕВСКА