Аниматорите од ФХ3Х во соработка со Uncharted Territory учествуваа во креирање на моделите на транспортните средства на второтo продолжение на филмот Independence Day насловено како Resurgence, чија премиера ќе се одржи утревечер во Скопје.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик на македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х и извршен продуцент на проектот, изјави дека на овој проект работеле во периодот од декември 2015 до март 2016 година.

– Се работеа модели на куќи, танкер и авион. На проектот работеа 13 артисти од одделот за анимација. Ако филмот Independence Day во 1996 година освои Оскар за визуелни ефекти, со нетрпение чекам да го изгледам она што следи. Нема да згрешам ако кажам дека во нашата индустрија ваквите ситуации кога треба да се надмине врвот се најинтересните за следење. И не мислам дека само за нашата индустрија е интересно. Првиот дел беше филм со најголема заработувачка во 1996 година и во тој момент втор во целиот свет. Сега на пример е на 51-вото место, и интересно е колкава е мотивацијата за целиот тим кој работеше на вториот дел, изјави Даниловски.

Дваесет години по настаните откако Земјата се соочи со напад на вонземјани и по борбата со супериорна технологија го онеспособи нападот, меѓународната заедница се вратила во нормала. Обединетите Нации го создаваат Earth Space Defence (ЕСД), оддел за Планетарна Вселенска Одбрана, програма за обединета глобална одбрана која служи да ја заштити планетата Земја. Тоа е систем за навремено дтетктирање и предупредување чија главна сила е во користењето на технологијата која останала од вонземјаните и кој има воени единици распоредени на Месечината, Марс и Реа, додека поранешната Област 51 е пренаменета во централа на вселенската одбрана.

Вонземјаните успеале да испратат сигнал за помош на нивните одделечени дивизии пред финалниот пораз, но откриваме дека дел од нив се кријат низ светот. По примениот сигнал за помош, вонземјаните испраќаат моќна флота, загрозувајќи го уште еднаш опстојувањето на луѓето.

Филмот премиерно ќе биде прикажан утревечер во киното Синеплекс во 20 часот.