Ансамблот за народни игри и песни “Танец” и годинава ќе го претстави македонскиот фолклор и традицијата надвор од границите на државата, на Балканот, но и во европските градови, а концерти ќе има и во Кина. Ќе се реализираат и традиционалните концерти, новогодишниот и велигденскиот, но и концерти во градовите ширум републиката, а ќе се издадат и нови аудио изданија со настапи од богатата ризница на ансамблот…, проекти кои се поддржни со годишната програма на Министерството за култура.

“И годинава “Танец# продолжува со голем број настапи во државата и во странство. Планирани се пет хуманитарни концерти во Скопје, но можни се и дополнителни, бидејќи сме големи хуманисти. Традиционално, во соработка со Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, ќе одржиме концерти во рамките на Скопско лето и Есенски музички свечености. Во рамките на програмата ќе се одржат и традиционалниот велигденски концерт во Скопје на 16 април. Концерти од овој вид насловени “Од раѓање до воскресение” ќе се одржат и во Битола, Велес, Охрид и Тетово, а ќе учествуваме и на Балкански фестивал”, посочува директорот на “Танец”, Зоран Џорлев.

“И годинава продолжува со веќе востановените концерти во градовите низ републиката. Така, со македонските ора и песни “Танец” ќе биде присутен во Виница, Ресен, Македонски Брод, Гостивар, Неготино, Делчево, Истибања, Демир Капија, Демир Хисар и Крива Паланка, градови во кои подолго не сме биле присутни. Годинава ќе бидат одржани и две ревии на носии, кои и минатата година побудија големо внимание кај публиката, а ќе се модифицира и интернетската страница на “Танец”. Како што додава Џорлев, вработените на ансамблот ќе ја реализираат и шестата крводарителна акција.

“Продолжуваме и со издавање на две аудио изданија, овој пат “Незаборав 5 и 6″, со нумери извадени од оригиналните лонгплеј плочи. Планирани се изработки и на аранжмани за оркестарот и пеачкиот хор на ансамблот. Во план е и изработка на мултимедијално дивиди со брошура на повеќе јазици за реклама на ансамблот, а ќе се изработи и едукативно цеде кое ќе биде наменето за децата од основното и средно образование. На меѓународен план, пак, во преговори сме за бројот на концерти во Кина, како и вокално-инструментален концерт во градот Гоце Делчев во Бугарија”, додава Џорлев кој напоменува дека “Танец”, годинава ќе биде присутен и во други европски градови.

Директорот на “Танец”, Зоран Џорлев, се осврна и на минатата година, посочувајќи дека во 2016 се одржани 43 концерти во Македонија кои ги проследија над 20.000 лица и 36 меѓународни настапи со повеќе од 39.000 посетители. Одржани се концерти и низ Балканот и 19 настапи во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, како и едукативни посети на ученици…, а издадени се и аудио изданијата “Незаборав 3 и 4”. Како што додава Џорлев, по повеќе од шест децении се изедначени и платите во “Танец” со уметничкиот кадар од Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.